Фудбалерите на Сандерленд и Арсенал одиграа возбудливо реми (2-2) на „Стадионот на светлината“ во натпревар од 11-тото коло на Премиер лигата.
Иако многумина се сомневаа, а некои и понатаму се сомневаат во можностите на Сандерленд оваа сезона, Црните мачки продолжуваат да бидат вистински хит. Можеби немаат состав кој може да издржи борба за горниот дел од табелата до крајот на сезоната, но покажаа дека можат да му создадат проблем на секој ривал, па дури и на Арсенал, еден од најдобрите тимови во Европа моментално.
Домаќините поведоа во 36-тата минута преку Даниел Балард, по одлична асистенција на Норди Мукиеле. Тој погодок значеше и крај на неверојатната серија на Арсенал без примен гол — дури 812 минути, односно осум натпревари.
Во второто полувреме Топчиите го зголемија притисокот и израмнија во 54-тата минута, кога Букајо Сака ја искористи асистенцијата на Микел Мерино и со прецизен удар го совлада голманот Робин Руфс. Арсенал потоа целосно ја презеде иницијативата, а во 74-тата минута Леандро Тросар со вистински проектил го донесе пресвртот и водството од 1-2.
Сепак, одлуката на Микел Артета да го затвори натпреварот и да ја сочува предноста се покажа како погрешна. Во 94-тата минута Балард ја спушти топката до Брајан Броби, кој умешно се избори за позиција меѓу Габриел и Давид Раја и погоди за израмнување — 2-2.
Со ова реми, Сандерленд се наоѓа на висока трета позиција на табелата, а резултатот им оди во прилог на Ливерпул и Манчестер сити, кои утре ќе се судрат во големото дерби и ќе имаат шанса да ја намалат разликата на врвот.

