Сандерленд официјално го потврди трансферот на францускиот дефанзивец Норди Мукиеле од Пари Сен Жермен. 27-годишниот фудбалер потпиша четиригодишен договор со Црните мачки, а англискиот клуб за неговите услуги ќе плати 11 милиони евра, со можност сумата да порасне за дополнителни 3 милиони преку бонуси.
Мукиеле доаѓа на „Стадионот на светлината“ по минатата сезона, која ја мина како позајмен играч во Баер Леверкузен. Со ПСЖ, пак, тој успеа да освои две последовни титули во француската Лига 1 (2023 и 2024), придонесувајќи со својата разновидност во одбраната.
Французинот ја започна својата кариера во Монпелје, по што следуваше трансфер во Лајпциг, каде што го привлече вниманието на европската јавност со одличните настапи во Бундеслигата и Лигата на шампионите. Во 2022 година се пресели во ПСЖ, каде што одигра две сезони.
Мукиеле има и еден официјален настап за француската репрезентација, во 2021 година.
Со неговото доаѓање, Сандерленд значително ја засилува дефанзивната линија и покажува амбиции дека е решен да биде конкурентен во новата сезона.