Руски рулет за европскиот првак: Челзи смее да потроши само 20 илјади фунти за пат во Лил

Челзи има огромен проблем пред реванш-мечот со Лил во Лигата на шампионите и има буџет само од 20 илјади фунти за патувањето во Франција, според таканаречените „руски мерки“ на Британската влада.

Причината се знае, тоа е Роман Абрамович, кој сè уште е сопственик на клубот, а кон него како руски државјанин Велика Британија спроведе санкции и не му дозволува да влезе во Обединетото Кралство.

Има и посебни мерки кон клубот што сè уште има руски газда, ги нарекоа „руски мерки“, а меѓу нив е предвидено максимум да се троши по 20 илјади фунти за патување на клубот кога игра на гостински терен.

Тоа е премалку за клуб од калибарот на Челзи, кој е актуелен европски првак, а сè уште е во игра за одбрана на титулата.

Англичаните треба да гостуваат на 16. март во Лил, на реваншот во осминафиналето во Лигата на шампионите, а имаат убава предност од 2:0, но немаат доволно пари за пат и сместување ако мерките на Британската влада не се сменат.

Меѓу останатите мерки за Абрамович, кои не можат да се сменат или поништат освен со одлука на Британската влада, а се во пакетот санкции поради Абрамович, се предвидува и дека можат да се исплаќаат плати на играчите и на вработените, да се плаќаат рати за претходните трансфери што доспеваат по редовен пат, да се трошат најмногу до 500 илјади фунти за организација на натпреварите на домашен терен и да се примаат средства, иако тие веднаш ќе бидат замрзнати.

Мерките важат до 31 мај, а Британската влада може да ги менува, отповика или да ги суспендира во секое време.

Постои опасност ако Челзи не биде продаден до овој рок, да оди под административна управа и да биде казнет со минус 9 бода, според објавите на англиските медиуми.

- Оглас -

Најнови вести