Санкциите на Вимблдон не важат за неа – Русинка е, родена и живее во Москва и ќе игра четвртфинале во Лондон

Елена Рибакина го забележа успехот на кариерата со пласман во четвртфиналето на Вимблдон по победата во два сета против Петра Мартиќ.

Првиот пласман меѓу 8 најдобри на гренслем-турнир ѝ го овозможи потегот што го направи во 2018 година, кога зема казахстанско државјанство и наместо за Русија, која и е родна земја, почна да настапува за Казахстан.

Елена има 23 години и е родена во Москва и сè уште живее во главниот град на Русија, а ако не го направеше „свичот“ и продолжеше да игра за родната земја, немаше да има право на настап на ова издание на Вимблдон.

Британската влада донесе одлука да им забрани настап на руските и белоруските тенисери и тенисерки поради војната меѓу Русија и Украина, но тоа не важи за Рибакина, која веќе четири години игра под знамето на Казахстан.

Денеска во неизвесен меч успеа да ја победи искусната Хрватка Петра Мартиќ со 7:5, 6:3 и да се пласира во четвртфиналето во Лондон.

Тоа ѝ е најголем успех во кариерата, откако лани исто така на Вимблдон играше во четвртото коло, но беше поразена од Арина Сабаленка.

Сега има добри шанси и за полуфинале, ако во следниот меч ја победи подобрата тенисерка од дуелот што следува меѓу Корне и Томљановиќ.

- Оглас -

Најнови вести