Сантош на суров начин ја научи лекцијата дека не смее да се расправа со Роналдо, повеќе не е селектор на Португалија

Фернандо Сантош повеќе не е селектор на Португалија, потврди Фудбалската федерација на оваа земја. Искусниот тренер кој седеше на клупата на Португалија од 2014 година и имаше договор до 2024 година, е сменет по елиминацијата од Мароко во четвртфиналето на Светското првенство во Катар.

Најголемиот успех Сантош го имаше во 2016 година, кога со Португалија триумфира на Европското првенство, а во 2019 година победи и на првото издание од Лигата на нациите.

Португалските медиуми пишуваат дека свој удел во отказот на Сантош има и Кристијано Роналдо. Имено, Сантош и Роналдо влегоа во конфликт на СП во Катар бидејќи сега веќе поранешниот селектор за натпреварите во осминафиналето и четвртфиналето одлучи својата најголема ѕвезда да ја остави на клупата за резервни играчи.

По враќањето од Катар, Роналдо се огласи преку социјалните мрежи и порача дека секогаш ќе ѝ стои на располагање на Португалија, но во разговорот што го имал со претседателот на Фудбалската федерација на оваа земја, Фернандо Гомеш, побарал Сантош да биде сменет од функцијата за тој да продолжи да игра.

Како еден од можните наследници се споменува Жозе Мурињо, а Федерацијата е подготвена да направи голема отстапка и да му дозволи на Специјалниот во исто време да ја води и репрезентацијата и Рома.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести