Шпанските медиуми вечерва излегоа со информација дека сапуницата околу регистрацијата на Дани Олмо конечно заврши. Барселона успеа да дојде до 100 милиони евра со продажбата на ВИП-седиштата на „Камп Ноу“, а документите за регистрацијата на Дани Олмо веќе се испратени во канцеларијата на Ла Лига и се чека само официјализација.
Жоан Лапорта планираше оваа зделка да ја направи налето и клубот да заработи 200 милиони евра, но сепак, ситуацијата која настана со регистрацијата на најголемото летно засилување на „каталонците“ го принуди на ваков потег.
Дани Олмо минатото лето за сума од 55 милиони евра пристигна од Лајпциг во Барселона, а „каталонците“ уште тогаш имаа проблеми да го регистрираат, па шпанскиот репрезентативец ги пропушти првите две кола. Дури откако се повреди Андреас Кристиансен, доби привремена регистрација како негова замена.