Челзи утре ќе има шанса да го потврди учеството во нокаут-фазата во Лигата на Европа со евентуален триумф на гости кај БАТЕ Борисов. Менаџерот на „сините“, Маурисио Сари, истакна дека Еден Азар ќе настапи на средбата, но Белгиецот нема да ги игра сите 90 минути, откако пред неколку дена се врати од повредата на грбот, со која се здоби за време на дербито против Манчестер јунајтед.
„Азар е подготвен за настап, но верувам дека ќе игра 45 до 50 минути. Не знам само дали ќе игра од првата минута или ќе добие шанса од клупата, но сигурно ќе игра ако има потреба. Фабрегас е дел од тимот, но тој се соочува со настинка, па неговиот настап утре е под знак прашалник. Останатите се подготвени да ја завршиме работата за која дојдовме тука“, истакна Сари.
Aзар изминатиов викенд се врати на терените. Во мечот против Кристал палас влезе од клупата во вториот дел и веднаш имаше свој придонес во победата од 3-1, асистирајќи му на Мората за вториот гол.
Рудигер, Давид Луиз, Алонсо и Мората останаа во Лондон, италијанскиот стратег со комбиниран состав ќе се обиде да ги освои трите бода, кои ќе значат сигурен пласман во нокаут-фазата од Лигата на Европа. „Сините“ имаат максимални девет бода од три меча, а во групата заедно се со ПАОК, МОЛ Види и БАТЕ Борисов.