Сари: Мислам дека заслужив да останам, но моето мислење не е доволно

Маурицио Сари во својата речиси 20-годишна тренерска кариера го освои првиот голем трофеј. Со неговиот Челзи вчера го декласираа градскиот ривал во финалето од Лигата на Европа со 4-1, па Сините од Лондон и покрај толку турбулентната сезона ја завршија со пехар.

По финалето, на прес-конфренцијата најмалку се зборуваше за самиот меч, актуелни теми беа неговото останување или заминување, како и разделбата на Еден Азар. Сари смета дека овој успех треба да му ја гарантира работата на „Стемфорд бриџ“ и во следните две години, колку што е неговиот договор, но вели дека неговото мислење не е доволно, останува да разговара со управата.

„Сметам дека заслужив да останам во Челзи. Имавме доста тешка сезона, но на крајот работите се завршија како што треба, а крајот го крунисавме со трофеј. Сепак, тоа е само мое е мислење, во следните денови ќе разговарам со управата и сопственикот Абрамович околу целата ситуација и заедно ќе донесеме најдобро решение. Само сакам да се знае дека убаво ми е тука, убаво ми е да се натпреварувам во Премиер лигата. Среќен сум во моментов, сакам и клубот така да се чувствува“, истакна Сари.

Во дебитантската сезона во Челзи, италијанскиот стратег исто така го предводеше тимот до третото место во Премиер лигата, што воедно значи директен пласман и враќање во Лигата на шампионите, додека во февруари играа финале во Лига купот на Англија против Манчестер сити, кое го загубија во пенал-рулет.

За некого ова е доволен успех за Сари да остане тренер на Челзи и следната сезона, но знаејќи како функционира раководството на клубот изминативе неколку години, нема да чуди доколку му врачат отказ. За тоа се шпекулираше во текот на целата сезона, како и за тоа дека би можело да биде нов тренер на Јувентус.

 

- Оглас -

Најнови вести