Арсенал заслужено го совлада градскиот ривал Челзи во дербито од 23. коло во Премиер лигата. По мечот, Маурисио Сари истакна дека е лут на своите фудбалери за начинот на кој пристапија на овој дуел, според него тоа е неприфатливо.
„Сините“ забележаа само еден единствен шут во рамките на голот на Лено, додека на другата страна „топчиите“ жалат што постигнаа само два гола покрај бројните шанси кои ги спречи голманот на гостите.
„Многу сум лут. Неприфатливо е да играме на овој начин, да го избегнуваме нашиот стил на игра. Ова е фудбал, нормално е некогаш да се биде во непријатна ситуација, но од истата мора да се излезе со борба и желба за победа, нешто што нам ни недостасуваше на овој дуел. Истото се случуваше и во поразот од Тотенхем, мислев дека го решивме тој проблем, но очигледно е дека немаме идеја како да се носиме со тежината на вакви дерби натпревари“, вели Сари.
Арсенал сега заостанува само три бода зад Челзи на табелата и борбата за местото кое води во Лигата на шампиони допрва ќе стане драматична, бидејќи тука е и Манчестер јунајтед кои имаат ист број на бодови како и „топчиите“, 44.
Во следното коло Челзи гостува кај Борнмут(30-ти јануари), додека Арсенал повторно ќе игра на домашен терен, на „Емирати“ доаѓа Кардиф(29-ти јануари).