Прашање е на време кога управата на Челзи ќе му ги врачи отказните документи на Маурицио Сари и ќе започне потрага по нов тренер. Според најавите, клубот од Лондон ќе му исплати пет милиони фунти отштета, за италијанскиот стратег да може да бара нова работа. Но, за тоа не треба да се грижи бидејќи Рома сама му се нуди.
Италијанскиот медиум „Ла Република“ тврди дека советникот Франко Балдини и претседателот Џејмс Палота биле во Лондон и имале таен состанок со Сари, а главна тема на разговор била тренерската позиција на која засега раководи Еузебио ди Франческо.
Управата на Рома не е задоволна од Ди Франческо, иако тој има гаранции од спортскиот директор Мончи дека нема да добие отказ. Меѓутоа, само „чудо“ може да го спаси поранешниот стратег на Сасуоло, а Рома планира да ги отпушти Ди Франческо и Мончи во пакет по крајот на оваа сезона.
Токму затоа е започната потрага по нов предводник, а поранешниот стратег на Наполи е прва опција за „римската волчица“, кој ако добие отказ од Челзи, уште ова лето може да го преземе клубот од Рим.