Ливерпул денес (17:30 часот) на „Енфилд“ го пречекува Челзи во дербито од 34-тото коло во Премиер лигата. Тоа ќе биде трета овосезонска пресметка меѓу „црвените“ и „сините“, а избраниците на Јирген Клоп се фаворити во пресрет на мечот.
Менаџерот на Челзи, Маурисио Сари, смета дека притисокот е врз Ливерпул, што е нормално бидејќи тие се во трка за шампионската титула во Англија, а сите очекуваат дека трите бода утре ќе останат на „Енфлид“.
„Ќе биде тешко против Ливерпул, но и секој нареден меч до крајот на сезоната. Ние ќе настапиме по третпат во последниве седум дена, но сметам дека сме подготвени и физички и прихички за ова дерби. Притисокот е врз Ливерпул, но тоа е нормално. Мора да бидете нервозни доколку ја посакувате титулата, но истовремено и мотивирани. Впрочем, тие се меѓу најдобрите европски екипи, лани играа финале во Лигата на шампиони, додека наша цел е да заземеме едно од местата во топ 4“, истакна Сари.
Челзи сезонава по вторпат ќе гостува на „Енфилд“. Претходно се сретнаа во четвртото коло од Лига Купот на Англија, дуел во кој „сините“ славеа со 2-1, додека првенствениот меч на „Стемфорд бриџ“ заврши со реми од 1-1.