Јувентус и Атлетико Мадрид вечерва го играат едно од големите дербија на колото во фудбалската Лига на шампионите, а иако Старата дама од Торино е сигурен осминафиналист и има три бода предност на две кола до крајот на групната фаза, тренерот Маурицио Сари вели дека не смеат да се релаксираат.
За Сари, освојување на првото место е многу важно, а иако им одговара и реми, би сакал да нападнат и да ги освојат трите бода.
„Голем ризик е да играте на 0-0. Не смееме да калкулираме. Атлетико е тим кој е технички многу квалитетен, игра повеќе со топката отколку во минатото. Тие се многу тежок ривал. Ако мислиме дека веќе сме во осминафиналето и не ни требаат бодови, готови сме. Треба да мислиме дека приоритет е првото место и да атакуваме“, вели Сари, кој има дилеми дали од првата минута да ги стави Роналдо, Де Лихт и Бернардески кои имаат болки.
Сари заврши со тоа што кажа дека е среќен што има напаѓачи како Гонзало Игуаин, Пауло Дибала и Кристијано Роналдо, но поради нивните карактеристики не може да ги користи тројцата заедно на еден ист меч, па некој од нив ќе мора да биде резерва.