Челзи го пречекува Фулам во лондонскиот дуел од ова коло во англиската Премиер лига. Мечот е важен за двата тима. Челзи се бори за врвот, а Фулам се надева дека ќе избега од зоната за испаѓање. Ова ќе биде дуел и на двајца италијански тренери.
Ако според играчкиот кадар Челзи е апсолутен фаворит, тогаш тренерското искуство е на страната на Фулам, кој на клупата го има Клаудио Раниери. Токму Раниери бил еден од „виновниците“ за тоа што сегашниот стратег на Челзи, Маурисио Сари решил да биде фудбалски тренер.
„Пријател е голем збор, но јас многу го почитувам Раниери. Пред 20 години го посетив додека тој беше тренер во Фиорентина. Тешко дека тој ја памти таа средба, но за мене многу значеше. Без разлика каде е тренер, тимовите предводени од Раниери се многу добри во одбраната и исклучително опасни во контра нападите“, вели менаџерот на Челзи, Сари.
На шега, Сари додаде дека тој има предност бидејќи има посетувано повеќе тренинзи на кој работел Раниери. „Јас сум бил на 40-45 тренинзи на кој главен бил Раниери. Тој гледал само два мои тренинзи, што значи дека јас сум во предност“, на шега додаде Сари.
Мечот меѓу Челзи и Фулам се игра в недела со почеток од 13 часот.