Поранешниот селектор на српската кошаркарска репрезентација, Александар Ѓорѓевиќ, јавно застана во одбрана на Дијана Хрка, мајката која започна штрајк со глад во центарот на Белград, барајќи правда за својот син, кој загина минатата година по пад на настрешницата во Нови Сад.
Популарниот „Сале национале“ остро го критикуваше општествениот и институционалниот однос кон случајот, нарекувајќи ја ситуацијата „срамна и нечовечна“.
„Порано безрезервно се гордеев со својата земја, со боите и со историјата што ја бранев. Денес ме е срам од оваа бесчувствителност и понижување“, напиша поранешниот селектор на Србија.
Хрка веќе неколку дена штрајкува со глад пред Народното собрание на Србија, барајќи одговорност и објаснување за смртта на своето дете. Додека стоеше покрај металната ограда што со месеци го блокира централниот дел на градот, од разглас беа пуштени навредливи стихови, кои дополнително ја потресоа јавноста.
Овие сцени предизвикаа жестоки реакции во Србија. Повеќе познати спортски имиња јавно ја поддржаа мајката и побараа институциите да постапуваат со достоинство, да се утврдат околностите на трагедијата и да се санкционира евентуалната одговорност.

