Властите на Саудиска Арабија сакаат по секоја цена да го популаризираат фудбалот и освен Кристијано Роналдо планираат да донесат уште супер ѕвезди во нивната лига.
По историскиот трансфер на Роналдо кој ќе добие 500 милиони евра за две и пол години во Ал Наср, владата на Саудиска Арабија, им понуди вистинско богатство и на уште три сегашни и поранешни фудбалери на Реал Мадрид.
Имено, Карим Бензема, Лука Модриќ и Серхио Рамос, добија понуда да потпишат двегодишни договори кои ќе им носат по 30 милиони долари по сезона, а притоа можат да бираат во кој клуб сакаат да играат, пишува „Мундо Депортиво“.
Англиски „Атлетик“ пак пишува дека Саудијците подготвуваат понуда и за уште еден играч на Реал Мадрид, Тони Крос.
Саудиските власти сметаат дека со ангажирањето на поголем број фудбалски ѕвезди, освен што ќе го популаризираат фудбалот во оваа земја, ќе ги зголемат и шансите за добивање на организацијата за Светското првенство што треба да се одржи во 2030 година. Саудиска Арабија веќе се договори со Египет и Грција, да поднесат заедничка кандидатура.