Амбасадорот на Саудиска Арабија во Велика Британија, Калид бин Бандар Ал Сауд, потврди дека алкохолот ќе биде забранет за време на Светското првенство во 2034 година. Алкохолот нема да се продава ниту во хотели, ресторани или стадиони.
„Во моментов не дозволуваме консумирање алкохол. Можете да си поминете одлично и без алкохол, тоа не е 100% неопходно. Секој си има своја култура. Среќни сме што прифаќаме луѓе во нашата култура, но не сме подготвени да ја промениме нашата култура за некој друг. Сериозно, не можете да живеете без да пиете алкохол?“, праша амбасадорот во едно интервју за британски медиум.
На Светското првенство во 2022 година во Катар, кој исто така е муслиманска земја, алкохол се продаваше, но само во одредени области.