Саудиска Арабија од следната година ќе го промени законот кога се работи за конзумирање алкохол во таа земја. Тоа ќе значи дека за првпат по 74 години ќе се прекине забраната за користење алкохол.
Од Саудиска Арабија најавија дека ќе се дозволи продажба на алкохол на 600 туристички места во земјата, што претставува историска промена во ова Кралство.
Политиката ќе дозволува алкохол исклучиво во туристички ориентирани објекти, како што се луксузни хотели, туристички одморалишта и лиценцирани претставници, со цел гостите што доаѓаат на Експо 2030, но и на првенствено на Светското првенство во фудбал во 2034 година, да се чувствуваат што е можно поудобно.
Ова значи дека за првпат по 1952 година ќе биде дозволено купување алкохол во Саудиска Арабија. Кога во 1952 година бил донесен законот за забрана на конзумирање алкохол, тоа немало никаква врска со шеријатските закони.
Имено, алкохолот бил целосно дозволен во Саудиска Арабија до 1952 година. Покрај тоа, дури и некои членови на кралското семејство пиеле и тоа била причината за целосната забрана за алкохол.
Имено, на 16 ноември 1951 година принцот Мишари, еден од 45-те синови на кралот Ибн Сауд, извршил убиство со умисла на домашна забава организирана од заменик-конзулот на Велика Британија, Сирил Оусман.
Тогашниот 19-годишниот Мишари испил премногу, а кога Осман одбил да му сипе уште еден пијалок, саудискиот принц отишол кај своите телохранители и извадил пиштол, а потоа ладнокрвно го убил Осман.
Наместо смртна казна, Мишари доби доживотен затвор, но бил ослободен по неколку години. Само неколку месеци по убиството на Осман, кралот Ибн Сауд одлучил да воведе целосна забрана за алкохол во Саудиска Арабија, која со новата промена во законот, ќе биде на сила до крајот на оваа година.