Саудиска Арабија ќе се бори за титулата шампион на Северна и Средна Америка во 2025 и 2027 година

Саудиска Арабија ја доби довербата да биде домаќин на Светското фудбалско првенство кое ќе се игра во 2034 година, а оваа земја веќе инвестира за тоа што ќе се случи за 10 години кај нив. Репрезентацијата на Саудиска Арабија доби покана во наредните два Голд купа да биде учесник како гостин.

Голд купот е натпреварување под покровителство на КОНКАКАФ конфедерацијата (Северна и Средна Америка и Кариби), а Саудиска Арабија иако е дел од азискиот континент, сепак ќе се бори за трофејот во ова натпреварување, кое е пандан на Европското првенство што го организира УЕФА.

Ова нема да биде првпат на Голд купот да има репрезентација која ќе биде специјален гостин. Претходно како гостин во Голд купот имаат играно и Бразил (1996, 1998 и 2003 година), Колумбија (2000, 2003, 2005), Еквадор (2002), Перу (2000), Катар (2001, 2023), Јужна Африка (2005) и Јужна Кореја (2000 и 2002 година).

 

- Оглас -

Најнови вести