Министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, Фајсал бин Фархан Ал Сауд, шокираше со најавата дека неговата земја ќе се откаже од кандидатурата за добивање на организацијата на Светското првенство во 2030 година.
Во изминативе неколку месеци се случи фудбалски земјотрес кога во Саудиска Арабија потпишаа супер ѕвезди како Кристијано Роналдо и Карим Бензема, како и уште неколку други докажани фудбалери. Со доведувањето на овие фудбалери, постојано се потенцираше дека тие ќе бидат спортски амбасадори да помогнат Саудиска Арабија да ја добие организацијата на Мундијалот во 2030 година.
Саудиска Арабија имаше план да направи заедничка организација на СП 2030 со Грција и Египет (првпат да има СП на три различни континенти). Сепак, информациите велат дека Шпанија, Португалија и Мароко кои заеднички конкурираат, се големи фаворити за добивање на организацијата. Во трка за добивање на СП 2030 година се и Аргентина, Уругвај и Чиле. Главен адут на јужноамериканските земји е фактот дека Уругвај беше домаќин на првиот Мундијал во 1930 година, што значи дека во 2030 година ќе се слави 100 години од првиот планетарен собир, па сакаат Уругвајците повторно да бидат домаќини на турнирот.
Светската фудбалска федерација ФИФА во септември 2024 година треба да гласа и да одлучи кој ќе биде домаќин на СП 2030 година.