Саудиските екипи потрошија повеќе од милијарда долари на трансфери

Со потрошени повеќе од милијарда долари на трансфери, вчера вечерта заврши преодниот рок во Саудиска Арабија кој го привлече вниманието на светската фудбалска јавност.

Саудијците во желба својата лига да ја направат една од најатрактивните и најсилните во светот, донесоа голем број фудбалски ѕвезди како Нејмар, Карим Бензема, Садио Мане, Нголо Канте,Роберто Фирмињо, од јануари член на Ал-Наср е и Кристијано Роналдо.

И покрај очекувањата, во последниот ден од преодниот рок не пристигна ѕвездата на Ливерпул, Мохамед Салах, но за очекување е веќе во јануари идната година, со сите сили да тргнат по неговиот потпис.

Најтрофејниот саудиски тим со 18 титули, Ал-Хилал, летово ги ангажира Нејмар, Малколм, Рубен Невеш, Александар Митровиќ, Сергеј Милинковиќ-Савиќ, Калиду Кулибали.

Тимот на Роналдо, Ал-Наср пак се засили со Садио Мане, Отавио, Ајмерик Лапорт, Марцело Брозовиќ, Алекс Тељес, додека шампионот Ал-Итихад ги донесе Бензема, Нголо Канте и Фабињо.

Нови фудбалери на Ал-Ахли се Роберто Фирмињо, Ријад Марез, Едуар Менди, Франк Кеси, додека Ал-Етифак за тренер го ангажира Стивен Џерард, а тимот го засили со Џордан Хендерсон, Жоржињо Вајналдум, Муса Дембеле.

- Оглас -

Најнови вести