Селекторот на англиската фудбалска репрезентација, Герет Саутгејт, пред пријателскиот меч со Исланд го коментираше неговиот избор за конечниот состав за ЕП 2024, во кој ги нема Хари Мегваер, Џек Грилиш и Џејмс Медисон.
„Сите играчи реагираа на оваа вест со голема почит. Сите играчи мислат дека треба да бидат во тимот. Чувствувавме дека некои играчи кои се во составот, имаа подобра сезона, особено во последните шест месеци. Во напаѓачките области на теренот имаме доста опции. Тоа беа тешки одлуки и долго ги дискутиравме со персоналот. Ги поддржуваме нашите одлуки, тажно беше што моравме да им ја соопштиме оваа вест. Знаете како се чувствувам за Хари Мегваер, што тој направи за Англија и што направи за мене како менаџер. Навистина тешка одлука“, изјави Саутгејт.
Репрезентативците биле шокирани од одлуката на Саутгејт да го изостави Грилиш, еден од најдобрите и најискусни англиски играчи, и побарале објаснување од селекторот во приватен разговор за да ја среди ситуацијата и да им ја објасни одлуката на своите соиграчи.
Немало кавга или конфликт меѓу Грилиш и Саутгејт, едноставно во штабот процениле дека во офанзивниот дел имаат подобри опции од него во моментов.