Најголемиот фаворит за трофејот од Европското првенство, Англија, со минимална победа од 1-0 над Србија го започна својот настап на континенталниот собир. Гордиот Албион доминираше во првиот дел, но во второто полувреме мораше да се брани пред налетите на Србија.
„Србија е одлична екипа. Моравме да се мачиме, но тоа е добро за нас. Начинот на којшто го браневме нашиот казнен простор беше многу добар. Задоволен сум од тоа како одигравме. Второто полувреме не беше во целост онака како што посакував, но победата е тука и тоа е најважно. Убеден сум дека ќе бидеме ефикасни. Да играш против екипа која се брани, не е лесно и многу е тешко да се создадат шанси за гол, а ние ги имавме. Ми се допаѓа тоа што напредувавме во играта без топка и во тој сегмент сме подобри од претходно“, рече селекторот на Англија, Герет Саутгејт, по тешката победа над Србија.