Савичевиќ кажа како дошло до легендарното интервју пред 20 години (Видео)

Претседателот на фудбалскиот сојуз на Црна Гора, легендарниот Дејан Савичевиќ, се присети на интервју кое го даде во Загреб пред 20 години, пред меч од квалификациите за ЕП 2000 помеѓу Хрватска и тогашна СР Југославија.

Во тој извадок од документарен филм, кој стана хит на екс-југословенските простори, еден случаен минувач го навреди Савичевиќ додека зборуваше за важноста и очекувањата од натпреварот, а Црногорецот се занесе, заборави дека го снимаат и со „сочни“ пцовки му возврати на провокаторот, за на крај, како ништо да не било, да продолжи да одговара на прашањето.

„Додека давав изјава, постојано слушав како некој ме навредува и дофрла. Во еден момент, ми дојде преку глава од неговите пцовки, и кога се свртев, гледам човек кој нема повеќе од 160-170 сантиметри. Како сега се сеќавам, носеше дрес со шаховницата, црна јакна и некоја долна тренерка, а немаше ниту два заба во устата. И така се случи да му вратам, му изнакажав сè и сешто“ – се присетува Савичевиќ.

Савичевиќ не е горд на тоа што го направи во 1999 година и не сака да го паметат по тоа.

„Откако продолжив да зборувам за мечот и завршив со изјавата, реков да го избришат делот со пцуењето. Тој ми кажа, се разбира. После неколку месеци, бев во Виена, и ми се јавува режисер и ми вика готов е филмот, да ти испратам снимка. Ми стигна касетата, ме праша дали сум видел што има. Му реков не, туку да ме бара за една недела. Кога имав слободно попладне, го гледам ова и желудникот ми се преврте. Можете да замислите што му изнареков на него“ – додава Савичевиќ со насмевка.

 

- Оглас -

Најнови вести