Сè беше подготвено за спектакл уште од март, билетите за локалното балканско дерби меѓу Македонија и Косово пламнаа експресно и интересот за место на националната Арена „Тодор Проески“ беше огромен, но, за жал, пандемијата со ковид-19 си го зеде данокот.
Седум месеци подоцна од првичниот термин, мечот со предзнак историски и за двете репрезентации кои копнеат за настап на големо натпреварување ќе играат за малку повеќе од половина час, во нетипична атмосфера и без публика на трибините. Токму пред празникот 11 Октомври, Македонија очекува да го направи претпоследниот чекор кон Европското првенство што ќе се игра следната година.
Нема да го слушнеме познатиот фудбалски звук и возбуда што е вообичаена за вакви мечеви, во кои победникот ќе добие шанса да игра финале за настап на Европско првенство, а поразениот ќе мора да почека нова можност за историја.
Македонија е фаворит, иако ќе игра без својата ѕвезда во подем Елиф Елмас, а Косово ќе се обиде да слави на гости без трилингот асови, Муриќи, Рахмани и Рашица.
Иако овде на националната арена „Тодор Проески“ нема публика и трибините се празни, сепак, нашите репрезентативци деновиве имаат невидена поддршка од спортската јавност.
Безброј охрабрувачки пораки и желби за победа имаше на социјалните мрежи, па некако духот на огромната поддршка ќе им биде ѕвезда водилка на Горан Пандев, Енис Барди, Илија Несторовски, Езџан Алиоски, Бобан Николов…. да се успее, да се победи Косово за среќен пат кон Тбилиси, каде што на 12 ноември би го играле големото финале во Сегментот Д против Грузија за настап на ЕП, нешто што го очекуваме со голема фудбалска страст цели 30 години.