Најдобриот стрелец во историјата на Манчестер сити, Серхио Агуеро, сезонава е во лоша форма, но повторно е во центарот на вниманието во Англија бидејќи медиумите потсетија на една негова изјава од ноември 2014 година, кога вети дека нема да си оди од клубот додека не станат европски шампиони. Сити е во финалето на ЛШ и Аргентинецот е блиску до остварување на сонот, по кој со мирна совест може да си замине.
Во сезоната 2014/2015 Граѓаните играа лошо и по еден домашен пораз од ЦСКА Москва од 1-2, Агуеро даде изјава која се памети.
„Не само што ќе останам уште четири години во Сити, туку ќе останам и потоа. Ќе бидам тука додека не ја освоиме Лигата на шампионите“, изјави тогаш популарниот Кун.
Ветувањето дека ќе остане долго во клубот го оствари, а сега е најблиску до тоа и да го освои натпреварувањето кое многу го посакуваа и тој и неговиот клуб, кој вложи милијарди фунти за да дојде до ова ниво.