Се јави шокираниот Мудрик: Знам дека не сум направил ништо лошо

Откако се дозна дека украинскиот крилен напаѓач на лондонскиот Челзи, Михајло Мудрик, бил позитивен на допинг-тест, со реакција се јавија и клубот и самиот фудбалер.

Допинг-тестот бил по еден од натпреварите на украинската репрезентација против Грузија или Албанија. Во телото на фудбалерот бил пронајден мелдониум, супстанца која е забранена од 2016 година и поради која тенисерката Марија Шарапова доби двегодишна суспензија.

„Можам да потврдам дека бев информиран дека примерокот што го дадов содржи забранета супстанција. Ова е целосен шок за мене бидејќи никогаш свесно не сум користел нелегални супстанции или не сум ги прекршил правила и тесно соработувам со мојот тим за да разберам како тоа можело да се случи.

Знам дека не направив ништо лошо и се надевам дека наскоро ќе се вратам на теренот. Сега не можам да кажам повеќе поради доверливоста на процесот, но ќе го сторам тоа штом можам“, напиша Мудрик на социјалните мрежи.

Фудбалскиот клуб Челзи потврди дека нивниот играч неодамна бил контактиран од Фудбалската асоцијација во врска со негативниот резултат на уринарниот тест.

„И клубот и Михајло целосно ја поддржуваат програмата за тестирање на ФА и сите наши играчи, вклучувајќи го и Михајло, редовно се тестираат. Тој со сигурност изјави дека никогаш свесно не користел забранети супстанции. Ќе соработуваме со релевантните органи за да се утврди што го предизвикало таквиот резултат на тестирањето. Клубот нема дополнително да коментира“, се вели во соопштението на Сините.

Мудрик, кој има 23 години, последен пат играше за Челзи на 28 ноември и ги пропушти последните пет натпревари во сите натпреварувања.

Инаку мелдониумот се користи клинички за лекување на оние кои страдаат од срцеви заболувања, како што се низок проток на крв во срцето и ангина пекторис, а во спортот ја зголемува издржливоста и физичкото закрепнување.

Во 2014 година Светската антидопинг агенција (ВАДА) откри присуство на овој лек во урината на 100 спортисти, а во 2016 година донесе одлука да го вклучи на списокот на забранети супстанции.

 

- Оглас -

Најнови вести