Александер Зверев со освојување на „Ролан Гарос“ ќе избиеше на прво место на АТП листата, но повредата на зглобот на ногата во полуфиналето против Рафаел Надал, го примора да се предаде, и наместо по убаво, парискиот грен-слем ќе го памети по лошо.
Веднаш се виде дека повредата е болна, Зверев со инвалидска количка беше изнесен од терен, а синоќа тој се јави преку социјалните мрежи.
„Беше фантастичен меч до моментот на повредата. Се чини дека имам многу сериозна повреда, но лекарскиот тим и лекарите уште истражуваат. Не ми е лесно. Ќе ве известувам за мојата состојба. Сакам да му честитам на Рафа, неверојатно е што 14-ти пат ќе игра финале тука, и се надевам дека ќе победи и ќе испише нова страница во историјата“ – рече Зверев.
Не се знае колку долго ќе паузира Германецот, но изгледа мали се шансите да заигра на Вимблдон кој почнува кон крајот на месецов.