Барселона никако не може да го регистрира Дани Олмо, а времето е се пократко да се направи такво нешто. Комерцијалниот суд вчера ја одби регистрацијата на Олмо, а за да остане во каталонскиот гигант мора да се реши овој проблем и тоа најдоцна до 31 декември.
Доколку Барселона не успее да биде да го регистрира Олмо до 31 декември, шпанскиот репрезентативец ќе биде слободен да потпише со друг клуб. Шпанскиот весник „Марка“ му даде идеја на претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перес дека сега е време да му зададе нокаут на вечниот ривал. Во текстот под наслов „Флорентино сега е време за магија“, се бара од Реал Мадрид да го купи Олмо во јануари.
„Сантијаго Бернабеу наскоро ќе го загуби своето име, но сигурно дека Флорентино Перес не ја загубил острината кога се работи за трансфери кои на прв поглед делуваат неверојатни. Со доведувањето на Фиго се покажа како светски волшебник, а потоа ги доведе Зидан, Бекам, Роналдо, Кака, Бензема, сега и Мбапе кој седум години беше на радарот на Реал. Некој друг претседател ќе се откажеше од Мбапе пред две години, но Флорентино не е таков. Сега на фудбалскиот пазар се отвора можност за доведување на Дани Олмо“, стои во дел од текстот во „Марка“.
Сепак, многу мала е шансата ова да се случи, откако Перес потоа излезе со став дека Реал Мадрид воопшто не размислува во јануарскиот период да биде активен и нема да купи ниту еден нов фудбалер.