Се најде јунак да го победи шампионот: Прв пораз за МЗТ Скопје оваа сезона

Актуелниот кошаркарски шампион на Македонија, МЗТ Скопје, го доживеа првиот пораз оваа сезона во домашното првенство, секако, ако не го сметаме службениот пораз од Ангели во четвртото коло.

„Јунакот“ беше гевгелиски Кожув, екипа која на домашен терен славеше со 88-80, победа која ги носи на чекор од пласман во топ-4 екипите на табелата.

Гевгеличани речиси во текот на целиот натпревар ја имаа контролата над резултат, а уште во првата четвртина дојдоа до двоцифрена предност. МЗТ Скопје пред полувремето успеа резултатски да се врати и да поведе, но тоа траеше кратко.

Во второто полувреме Кожув ја врати двоцифрената предност, а знаеше и како да ја сочува до самиот крај на мечот.

МЗТ Скопје со поразот му даде шанса на ТФТ со евентуална победа над Пелистер во недела да се врати на првото место, иако и двете екипи би имале ист ефект од 18 победи и два порази. Сепак, „аеродромци“ заработија казна од минус еден бод поради службениот пораз од Ангели.

- Оглас -

Најнови вести