Аргентинскиот репрезентативец Лионел Меси вчера предизвика фудбалски земјотрес со одлуката да потпише за Интер Мајами од МЛС-лигата и ги шокира навивачите на Барселона кои се надеваат дека ќе се врати на „Камп ноу“.
Управата на Барселона се обидуваше да го убеди Меси да прифати да се врати на „Камп ноу“, но лошата финансиска ситуација на клубот и неизвесноста околу можноста Ла Лига да одбие да го регистрира договорот, го натераа Аргентинецот да ја прифати понудата на Интер Мајами.
По конечната одлука на Меси, со соопштение се огласи и Барселона, во која го пецна фудбалерот објавувајќи дека се одлучил да игра во послаба лига.
„Во понеделникот на 5 јуни, таткото и претставник на Лионел, Хорхе Меси, го извести претседателот на клубот Жоан Лапорта за одлуката на фудбалерот да се пресели во Интер Мајами иако доби понуда од Барселона. Претседателот Лапорта ја разбира и ја почитува одлуката на Меси да се натпреварува во лига која бара помал напор, подалеку од светлата на рефлекторите и притисокот под кој беше изложен последните години“, стои во соопштението на Барселона.