Се огласи Нејмар по најтешката повреда во кариерата, Ал-Хилал ќе добие „трошки“ како компензија

Бразилецот Нејмар во својата 31-ва година од животот ја заработи една од најтешките повреди во спортот, ги скина вкрстените лигаменти на коленото, поради што го чека долга пауза.

Нејмар се повреди на дуелот од квалификациите за пласман на СП 2026 меѓу Уругвај и Бразил (0:0), а деталните лекарски прегледи покажаа дека ќе мора да оди на операција на лигаментите, но и на менискусот на коленото.

„Ова е многу тажен момент за мене, ова е најлошиот момент во мојата кариера. Знам дека сум силен, но овојпат ќе ми биде потребна поголема поддршка од семејството и пријателите. Не е лесно да се мине преку повреда и операција, а сега ќе морам повторно да го поминам истиот процес. Само четири месеци откако закрепнав од операцијата на зглобот, дојде ова“, беа првите зборови на Нејмар откако дозна дека мора да оди на нова операција која ќе го одвои речиси една година од фудбалските терени.

Еден од првите фудбалери кои му испрати порака беше Лионел Меси.

Шок поради повредата на Бразилецот владее и во негиот тим Ал-Хилал, кој на ПСЖ му плати 90 милиони евра отштета за Нејмар, кој за две години треба да заработи 320 милиони евра.

Саудискиот тим има право да побара отштета од Светската фудбалска федерација, но таа е смешна за сумата која Ал-Хилал ја плати за Нејмар. Според правилата на ФИФА, таа е ограничена на 7,5 милиони евра, а максималната сума која се плаќа по ден во кој фудбалерот не може да игра е 20.500 евра.

- Оглас -

Најнови вести