Се огласи рекордерот на Иран по гласините дека е осуден на смрт: Ми се закануваа разни луѓе, организации, медиуми…

Легендарниот ирански фудбалер Али Даеи денеска изјави дека бил цел на закани откако ги поддржал масовните протести во Иран, кои започнаа по убиството на младата 22-годишна Махса Амини од страна на „полицијата за морал“ поради неправилно носење на хиџаб.

Пред почетокот на Мундијалот во Катар, поголем дел од светските медиуми објавија дека Даеи бил уапсен за време на протестите и бил осуден на смрт. Но, очигледно дека оваа вест се покажа како невистинита и Даеи е на слобода, но му е одземен пасошот и не може да го напушти Иран.

„Последниве месеци добив многу закани на моја и на сметка на семејството од разни организации, медиуми и луѓе. Ме учеа на чест, патриотизам и слобода… Што сакате да постигнете со ваквите закани“, напиша на „Инстаграм“ рекордерот по бројот на настапи во репрезентацијата на Иран.

Али Даеи до септември минатата година беше и најдобар стрелец во историјата на репрезентативниот фудбал, кога Кристијано Роналдо му го надмина рекордот.

Даеи пораката на „Инстаграм“ ја објави во пресрет на утрешниот натпревар на Иран против САД, во дуел кој може да одлучи за патникот во осминафиналето.

Поранешниот фудбалер во друга објава на „Инстаграм“ повика на „безусловно ослободување“ на уапсените за време на протестот. Според западните медиуми, повеќе од 15.000 лица биле уапсени, а повеќе од 100 биле убиени за време на протестите кои траат неколку недели.

Тој на почетокот од месецов изјави дека ја одбил поканата на организаторот и одлучил да не патува во Катар, туку да биде со сонародниците и да им изрази поддршка на сите оние кои ги загубија своите најблиски за време на протестите.

- Оглас -

Најнови вести