Се осоколија ривалите – Хоакин: Куман не може да биде ниту економ, нема подобро време за меч против Барселона

Хоакин Санчес Родригес, легендарниот капитен на Бетис, вели дека нема подобро време да се игра со Барселона, клуб кој е во криза и со скромни резултати на теренот во последно време, но и на организациски и финансиски план.

Бетис ќе биде гостин на „Камп ноу“ во сабота, во меч од деветтото коло во Ла Лига, а ситуацијата е интересна. Клубот од Севилја има 12 бодови, четири повеќе од Барселона, екипа што нема победа на четири меча по ред во шпанското првенство.

Неочекувано гигантот е на 12-тата позиција, што е изненадување без разлика на проблемите. Си замина претседателот Жозеп Бартомеу, по хаосот што беше забавен за ривалите на Барселона цело лето, а од клубот објавија дека имаат и огромни финансиски проблеми и дупка од 190 милиони евра што треба експресно да се санира.

„Нема подобро време да се игра против Барселона од сега. Куман не би го зел за економ во тимот, имаат многу проблеми и играат слабо, што е шанса за нас да ги победиме“, изјави Хоакин.

Легендарниот шпански фудбалер соработуваше со Роналд Куман во сезоната 2007/08 во Валенсија, кога Холанѓанецот беше тренер на популарните Лилјаци, но очигледно не го цени премногу.

Бетис има само една победа на последните 16 меѓусебни натпревари со Барселона, а токму на „Камп ноу“ славеше пред две години со 4:3.

 

- Оглас -

Најнови вести