Се подготвува нов мегатрансфер и големо ривалство, Халанд и Мбапе како Меси и Роналдо

Францускиот репрезентативец Килијан Мбапе иако изминатото лето потпиша нов договор со ПСЖ, сега се премисли и сака да си оди, а челниците на францускиот тим се подготвени да му ја исполнат желбата, но само под еден услов.

Мбапе, кој се чувствува измамен од управата на ПСЖ, која не му ги исполнила ветувањата кога го потпишуваше новиот договор, сега челниците на тимот размислуваат да го пуштат, но под еден услов, да не оди во Реал Мадрид.

Сепак, претседателот на Реал, Флорентино Перес, сигурно е дека нема да седи со скрстени раце, ќе ги игнорира барањата на управата на ПСЖ и ќе тргне по потписот со одличниот напаѓач, но се очекува да има голема конкуренција во англиски премиерлигаш.

Имено, според француските медиуми и шпанската „Марка“, Ливерпул планира да се вклучи во трката по потписот со Мбапе и е подготвен да потроши вистинско богатство за Мбапе.

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, веќе извесно време е во контакт со семејството на фудбалерот, кого го гледа како решение за проблемите во нападот и слабата реализација сезонава.

И самиот фудбалер пред да потпише нов договор со ПСЖ, призна дека разговарал со челниците на Ливерпул.
„Разговарав со Ливерпул бидејќи црвената е омилена боја на мајка ми, која го сака овој тим. Зошто? Не знам, прашајте ја неа“, изјави Мбапе за „Марка“.

Ливерпул има доволно пари да го реализира трансферот, Црвените ќе мора да издвојат најмалку 200 милиони евра за обесштетување, како и по 50 милиони евра годишно за плата на Французинот.

„Ливерпул сигурно може да го купи Мбапе и за повеќе од 200 милиони евра, да потпише петгодишен договор како и да му даде огромна плата, а притоа да го испочитува финансискиот ферплеј на УЕФА. Освен тоа, ако го продадат 1-2 години пред истекот на договорот, ќе вратат добар дел од вложените пари во него“, смета Киран Мегваер, професор по економија на универзитетот во Ливерпул.

Доколку евентуално Мбапе пристигне во Ливерпул, тогаш во Премиер лигата може да се создаде неверојатно ривалство кое потсетува на тоа што изминатите 15-тина години го имаа Лионел Меси и Кристијано Роналдо.

Според експерите за маркетинг, вредноста на Мбапе повеќе би се зголемила ако се пресели во Премиер лигата, а не во Реал Мадрид. Исто така и тој би ѝ донел многу на најатрактивната фудбалска лига на светот. Сигурно е дека неговиот дуел со напаѓачот на Манчестер сити, Ерлинг Халанд, би бил спортски настан број еден во светот како што тоа беше во минатото кога еден против друг играа Меси и Роналдо.

- Оглас -

Најнови вести