Се подготвува нова сензација во НБА, а повторно Далас е во главна улога

Тимот на Далас маверикс е во центарот на вниманието во НБА-лигата откако реши да го размени својот најдобар играч Лука Дончиќ. Словенецот имаше договор со Далас до крајот на сезонава и се очекуваше да потпише нова петгодишна соработка за 345 милиони долари, но челниците на Далас се решија на еден неочекуван потег, а тоа е да го пратат Дончиќ во Лос Анџелес лејкерс. За возврат го добија Ентони Дејвис.

Сега Далас е во нова интересна мисија, а тоа е да го доведе Кевин Дурант од Феникс санс. Ветеранот Дурант има 36 години, но од Далас сметаат дека би бил вистински потег да го имаат во своите редови по заминувањето на Дончиќ.

„Извори во НБА-лигата велат дека по шокантната размена, Далас на новото дуо Дејвис-Ирвинг сака да го додаде и Дурант. Иако тоа се чини како тешко остварливо, самата помисла Дурант да се приклучи на олстар-тимот на Мавс фрла нова светлина врз размислувањата на нивниот генерален менаџер Ник Харисон откако беше исмеан затоа што се ослободи од Дончиќ“, пишува реномираниот Атлетик.

Дурант е една од најголемите ѕвезди во НБА, а моментално е дел од тимот на Феникс. Тој е двократен НБА-првак од времето кога играше во Голден стејт (2017 и 2018 година), а во двата случаи беше и МВП во финалето. Беше и најкорисен играч во лигата во 2014 година, како и 15-кратен олстар-играч. Со репрезентацијата на САД има освоено четири олимписки златни медали.

- Оглас -

Најнови вести