Хрватскиот репрезентативец Лука Модриќ во последниот период има сè помала минутажа во Реал Мадрид бидејќи многу помладите фудбалери од него веќе му го зедоа местото во првата екипа на Кралевите.
Токму затоа, станува сè поизвесно дека Хрватот веќе во јануари ќе има нов клуб, а според шпанскиот новинар Едуардо Инда, Модриќ ќе се врати на Островот и ќе потпише за Манчестер јунајтед.
„Модриќ сè уште не знае каде ќе ја заврши сезоната. Има клубови кои се распрашуваат за него, а еден од нив е Манчестер јунајтед. Единствениот проблем е што Јунајтед е последен во својата група во Лигата на шампионите и најверојатно ќе испадне од натпреварувањето. Модриќ сака да игра и се жали дека нема натпреварувачки ритам. Јунајтед знае дека Модриќ не е среќен во Реал и прашува како може да го доведе во јануари. Модриќ ќе чека два месеца за да види дали ќе му се смени статусот. Дури тогаш ќе одлучи што да прави со кариерата“, вели шпанскиот новинар.
Доколку се реализира ваков трансфер, тоа ќе значи враќање на Островот по 11 години, со оглед на тоа дека во 2012 година Лука Модриќ од Тотенхем се пресели во Реал Мадрид.