Дали официјално најдобриот фудбалер во светот, Усман Дембеле, ќе остане во ПСЖ и следната сезона? Тоа е прашање што сè почесто се поставува во француските медиуми.
Како што пренесуваат француските медиуми, Дембеле има договор со европскиот шампион до 2028 година, но неговата иднина во „светците“ и понатаму не е јасна.
Раководството на клубот, предводено од Насер Ал-Келаифи, наводно ги одбива барањата на Дембеле за нов договор. Челниците на ПСЖ наместо тоа се фокусирани на обезбедување на иднината на младите таленти Сени Мајулу и Бредли Баркола.
Ваквиот став ја одразува долгогодишната загриженост за физичката подготвеност на Дембеле. Иако освојувањето на Златната топка му го зголеми статусот, повредите во првата половина од сезоната и натаму фрлаат сомнеж врз неговата константност.
Претседателот Насер Ал-Келаифи јавно потврди дека постои горна граница за платите, нагласувајќи дека „интересите на тимот и клубот се на прво место“, што многумина го толкуваат како директна порака до Дембеле.
Дембеле оваа сезона има 14 голови и осум асистенции во 31 настап. Според Трансфермаркт, неговата вредност се проценува на 100 милиони евра.
Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, одамна е голем почитувач на Дембеле и се обидел да го доведе уште додека го водеше Баерн. Медиумите повеќепати го поврзуваа крилниот напаѓач на ПСЖ со трансфер на „Етихад“.
Според шпанскиот „Спорт“, агентот на Дембеле, Муса Сисоко, неодамна се сретнал со спортскиот директор на Манчестер сити, Уго Виана.

