Интернационалната фудбалска асоцијација која се грижи за правилата во најпопуларната игра во светот (ИФАБ) размислува за драстични промени во правилата, кога се работи за времетраењето на мечевите.
Во последно време постојано се зборува за тоа колку активно се игра фудбал, а колку време се губи во разни прекини. Токму затоа, на Светското првенство во Катар беше дозволено судиите да даваат драстично дополување на времето кое траеше и до 15 минути.
Токму затоа една од опциите е на судиите да им се дозволи да даваат и двоцифрени минути за надополнување на загубеното време, или во друг случај да се почне со стопирање на времето кога топката не е во активна игра.
„Не велам дека секогаш треба да се стопира времето, но тоа треба да се прави во моментите кога има радост за постигнат гол, измена, пенал или повреда на некој играч. Исто така времето треба да се стопира и кога има преглед на ВАР-системот“, вели Дејвид Дин, кој е потпретседател на Арсенал и амбасадор во Премиер лигата.
ИФАБ денеска има состанок на кој ќе се разговара за потенцијалните опции за промена на правилата. Дури и да се донесе промена на правилата, сигурно ќе поминат барем две години до нивно активно применување.
Според некои пресметки, во последно време на мечевите во Премиер лигата, активното играње на еден меч е паднато само на 56 отсто. Статистиката покажува дека дури на 23 средби во Премиер лигата сезонава играта била неактивна повеќе од 50 отсто. Најдрастичен пример за тоа е дуелот меѓу Кристал палас и Лидс, каде што активно се играле само 44 минути од вкупно 101 минута.