На 30-годишнината од политички мотивираниот инцидент пред натпреварот Динамо Загреб – Црвена ѕвезда, кој го најави и распадот на Југославија, медиумите во Хрватска и Србија се преполни со текстови за овој настан, се потсетува на масовните тепачки, на моментот кога Звонимир Бобан удри полицаец, а интересно е и дека актуелниот српски претседател Александар Вучиќ бил на трибините на „Максимир“.
Вучиќ тогаш имал 20 години и добро се сеќава на тој ден.
„Се чувствуваше нешто. Ние секогаш кога одевме во Загреб, бевме подготвени за тепачка, но ова беше поинаку. Првиот инцидент се случи уште во Винковци, се знаеше дека во Загреб се подготвуваат нереди и тоа не помеѓу навивачи, туку помеѓу Хрвати и Срби. Бевме во многу голем број, растеше и хрватскиот национализам, па и ние и навивачите на Динамо се чувствувавме моќно. За Бобан мислам дека не е виновен за настаните, не верувам дека некој го наговорил да удри полицаец“, рече Вучиќ пред пет години.
Вучиќ го нема на фотографии, но на снимката која може да се најде на „You Tube“, има едно момче кое личи на српскиот претседател. На левата слика од овој колаж, момчето кое е позади, свртено кон десната страна, личи на Вучиќ. Сепак, веројатно станува збор за фанови на Динамо, а и момчето на фотографијата не е високо 199 сантиметри, колку што има човекот кој сега е предводник на нашиот северен сосед.