Се појави фудбалскиот Болт: Од дете бегалец по кампови, до ѕвезда во ЛШ (Видео)

Баерн Минхен синоќа покажа зошто е еден од главните фаворити за освојување на титулата во Лигата на шампионите. Германскиот гигант го надигра Челзи сред Лондон како никој претходно и на крајот гостите победија со убедливи 3:0. Со овој триумф, Баерн во реваншот пред своите навивачи само теоретски треба да го запечати пласманот во четвртфиналето од Лигата на шампионите.

На „Стемфорд бриџ“ блескаа Серж Гнабри и Роберт Левандовски, кои беа творци на победата на Баерн. Гнабри даде два гола, а полскиот репрезентативец имаше две асистенции, а на крајот и самиот да се запише во листата на стрелците. Играта на Гнабри и Левандовски воопшто не беше изненадувачка, но на теренот во Лондон се појави нова ѕвезда на Баерн Минхен.

Алфонсо Дејвис е 19-годишен тинејџер кому дефинитивно во иднина ќе треба многу повеќе да се внимава. Дејвис има канадско државјанство, но тој е од Либерија. Како дете заедно со своето семејство избегал од родната земја и се преселил во Канада.

Талентираниот фудбалер игра по левата страна како крило или на левата бековска позиција. Бил забележан уште во Ванкувер вајткапс кога добил шанса да заигра и во МЛС. Стана прв играч роден во 2000 година што заиграл во МЛС, а тоа го привлече вниманието на Баерн Минхен.

Во јануари 2019 година, Баерн го купи за 22 милиони долари, што тогаш претставуваше рекорд за играч од МЛС. Дејвис одигра неколку меча во тимот Б на Баерн, а потоа беше префрлен и кај најдобрите. Минатата сезона одигра шест меча во Бундеслигата, а сезонава веќе е еден од најстандардните и има 19 средби во Бундеслигата.

Синоќа во Лондон Дејвис го покажа својот талент, а посебно брзината. Според многумина, тој може да биде и најбрз играч во светот за скоро време.

Канадскиот репрезентативец брзината ја покажа во неколку ситуации кога дефанзивно одлично затвораше, но знае да биде корисен и во нападот. Во првото полувреме како мало дете го стигна Моунт и не му дозволи да го загрози голот на голманот на Баерн.

На стартот од вториот дел успеа да попречи Челзи да даде гол, а потоа го покажа својот талент и во нападот.

Дејвис одигра главна улога при постигнување на третиот гол на Баерн откако направи одличен продор по левата страна и „сервираше“ за погодокот на 11-тиот погодок на Роберт Левандовски сезонава во ЛШ. Играчот кој може да биде новиот фудбалски Јусејн Болт на крајот имаше 91 отсто успешност при додавањата, а успеа да освои и осум топки, што само потврдува дека 19-годишниот Алфонсо е ѕвездата која допрва треба да блесне.

 

- Оглас -

Најнови вести