Речиси сигурно е дека Нејмар во летниот преоден рок ќе си замине од Пари Сен Жермен. Челниците на францускиот првак дадоа „зелено светло“ за Бразилецот да биде ставен на трансфер листата и сега се чека само вистинската понуда.
Самиот Нејмар често пати знаеше да потенцира дека не може да ги заборави соиграчите од Барселона, клубот од кој во 2017 година си замина за рекордна трансфер сума од 222 милиони евра. Одлуката да си замине од „Камп Ноу“ очигледно не била многу паметна.
Тогаш, главната причина за заминувањето беше тоа да може Нејмар да излезе од сенката на Лионел Меси и Луис Суарес и да се обиде да го одведе ПСЖ до титула во Лигата на шампиони. Ниту ПСЖ стигна до европскиот трон, а ни Барселона не може да стигне до трофејот по заминувањето на Нејмар.
Каталонскиот весник „Спорт“ утрово на својата насловна страна објави дека Барселона и Нејмар веќе се договориле за враќање на Бразилецот и дека се работи за петгодишен договор. Нејмар ги прифатил сите услови од клубот, па и тоа да ја повлече тужбата која ја активираше по заминување, кога бараше 26 милиони евра за „лојалност“ на клубот.
Сега останува само уште еден момент, а тоа е ПСЖ и Барселона да ја договорат цената за целиот овој трансфер и враќање на Нејмар во каталонскиот гигант.