Сè пореално решение: Мечот да трае активни 60 минути, а кога не се игра, да се стопира

Прославениот англиски судија Марк Клатенбург поттикнат од реакциите на фудбалерите на Манчестер сити поради задржувањето на времето на играчите на Реал Мадрид, во колумна објасни дека е дојден моментот да се смени едно од главните правила во фудбалот. Наместо мечот да трае 90 минути плус судиското продолжение, да се воведе фиксно играње фудбал од 60 активни минути и на тој начин секоја средба ќе трае исто.

„Тренерите по мечевите знаеја да ми кажат многу работи кога ќе дадев само две минути дополнување, а не вообичаените три. Се бунеа и играчите, а навивачите знаеа да ме навредуваат. Како да им се токму тие 60 секунди битните кога ќе дадат гол, а не 90+ минути што не стигнале до посакуваниот резултат. Сите ние судиите знаеме дека дополнителното време е спорна тема. Екипата која има предност сака помалку продолжување, а таа екипа што губи бара повеќе минути да се играат“, пишува Клатенбург, кој открива дека во ФИФА постои сè поголемо расположение за промена на правилото околу времетраењето на еден меч.

„Мислам дека постои решение за тоа. Мечот да трае 60 минути со стопирање за време на прекините. Таа идеја Пјер Луиџи Колина, ФИФА и ИФАБ моментално ја разгледуваат. Во кошарката тоа одлично функционира, зошто да не функционира и во фудбалот. На тој начин нема да има контроверзии и секој меч ќе трае исто време“, анализира Клатенбург.

Интересен е податокот дека натпреварите во Премиер лигата сезонава активно во просек се играат само 55 минути и три секунди. Најнеактивен меч бил тој меѓу Вест хем и Брентфорд, на кој активно се играле само 41 минута и 33 секунди. Најактивен дуел е средбата меѓу Манчестер сити и Барнли и имало 65 минути и 12 секунди игра на теренот.

„Голема е разликата од еден до друг меч колку време активно се игра. Со воведување на стриктно време од 60 минути, секој дуел ќе трае исто“, заклучува Клатенбург, кој беше судија во Премиер лигата цели 13 сезони, а врвот во кариерата му е судењето во финале на Лигата на шампионите, како и финале на Европското првенство.

- Оглас -

Најнови вести