Македонскиот клупски фудбал е во тешка криза, а тоа се потврди и по првите кола во европските купови. Шампионот Струга ТЛ беше елиминирана од квалификациите во Лигата на шампиони, откако во двомечот со Жалгирис загуби со 1:2. Струга ТЛ како шампион ќе продолжи во Конференциската лига каде за ривал го има тимот на Будуќност.
Македонија Ѓорче Петров два пати загуби од РФС Рига (0:1 и 1:4), додека Шкендија претрпе дебакл откако беше елиминирана од полуаматерската екипа на Хаверфордвест од Велс. Велшаните кога дојдоа во Скопје се забавуваа глумејќи како играат крикет на плоштадот Македонија и делуваше како воопшто да не се заинтересирани за фудбалска пресметка, но и со таква неангажираност успеаа да ја елиминираат Шкендија.
Единствено кој помина едно коло е Шкупи и тоа благодарение на победата од 5:0 на гости кај Хегелман, а синоќа во Скопје одигра без голови, па си обезбеди пресметка против Левски од Софија.
Ако се погледне билансот по комплетирање на првите елиминациски кола, ќе се забележи дека и аматерските лиги станаа подобри од македонската. Андора има три екипи во Конференциската лига. Санта Колома со победа и реми обезбеди место понатаму, а ист биланс имаше и Интер Ескалдес кој оди во следната фаза. Атлетик Ескалдес загуби во квалификациите од ЛШ и останува во Конференциската лига, што значи дека Андора сега има повеќе екипи во Европа од Македонија.
Три преставници во следната фаза од Конференциската лига има и Малта. Екипите на Гзира, Хамрун и Балзан ќе бидат дел од второто квалификациско коло. Не е чудо ни тоа дека Луксембург има дури четири екипи во следното коло од Конференциската лига. Хесперанж, Нидеркорн, Диферданж и Дуделанж останаа во европските води.
Пред нас се и Фарски острови. Шампионот на оваа земја, екипата на Клаксвик направи сензација во квалификациите од Лигата на шампиони и го елиминираше унгарскиот Ференцварош со победа од 3:0 на гости, па останува во елитните квалификации.
B36 Торшавн со победа и реми си обезбеди место во следната фаза од Конеренциската лига и сега ќе игра против Хаверфордвест кој ја елиминираше Шкендија.
Пред само две недели пишувавме дека македонскиот клупски фудбал е на дното на Европа, а овие резултати на нашите претставници во Европа се само доказ дека тоа е така, па во скора иднина можеби ќе треба да почнеме да учиме од земји како Андора, Фарски Острови и Малта.

