Со игрите во последните неколку сезони, Аталанта стана клуб кој ги придоби симпатиите на многу неутрални фудбалски фанови. Тимот од Бергамо игра храбро, офанзивно со многу голови, а со резултатите кои ги постигнува, се најде рамо до рамо со најдобрите клубови во Италија.
Посебно симпатично беше тоа што Аталанта тоа го постигна со многу труд, работа и желба, а не со фрлање на многу пари. Тимот од Бергамо беше симбол за пркост на богатите и моќните и доказ дека не мора да биде некој тајкун на чело за да има добри резултати.
Сепак, в најава е дека Аталанта ќе се продаде и ќе добие нов сопственик. Околу 55 отсто од акциите на клубот ќе бидат продадени на група бизнисмени од САД кои го посадуваат фондот Баин Капитал. Целата постапка треба да биде завршена во следните неколку дена.
Семејството Перкаси кое во последните 12 години е газда на Аталанта, ќе остане со 45 отсто од акциите. Перкаси ја купија Аталанта за само 12 милиони евра, кога клубот уште беше во Серија Б. Веднаш ја вратија Аталанта во Серија А, а сега клубот од Бергамо е еден од најдобрите и редовен учесник во Лигата на шампиони.
Според проценките, Атланта сега вреди меѓу 400 и 500 милиони евра. Во изминативе неколку сезони, Аталанта направи неколку одлични трансфери па успеа да ги продаде Кулушевски (35 милиони евра), Бастони (31 милиони евра), Кеси (24 милиони евра), Кристанте (22 милиони евра), Диала (21 милиони евра)…