Давид Бабунски се раздели со својот помал брат Доријан, но останува во Унгарија и ќе игра за прволигашот Мезоковешд.
Давид досега играше за Дебрецин, клуб за кој сè уште настапува неговиот брат Доријан, а во Мезоковешд соиграч ќе му биде македонскиот интернационалец Ремзифаик Селмани.
Мезоковешд лошо ја почна новата сезона и има само една победа во 8 кола, па е на претпоследното место на табелата во Првата унгарска лига.
Од Бабунски очекуваат да им помогне во битката за опстанок, а за Давид ова е шанса со добри игри повторно да се врати во дресот со националните облежеја на Македонија.
Повозрасниот од браќата Бабунски ја има минато познатата Академија на Барселона „Ла Масија“, а беше еден од столбовите на младинската репрезентација на Македонија во историскиот настап на Европското првенство во Полска во 2017 година.