Се сеќавате ли на најлудата завршница во Премиер лигата: Очајот на Сити се претвори во лудило и прослава на титулата (Видео)

Низ историјата на Премиер лигата имало многу возбудливи завршници кога се решавал шампионот, но ниедна не може да се спореди со тоа што се случи на 13 мај 2012 година. Тоа беше ден кога се играше 38-мото коло, а Манчестер јунајтед и Манчестер сити беа во трка за титулата. Двата клуба од Манчестер имаа по 86 бодови, но Сити беше во поповолна ситуација поради подобрата гол-разлика.

Граѓаните играа на домашен терен против Квинс парк ренџерс, а Јунајтед гостуваше кај Сандерленд. Сити се бореше за титулата, а КПР уште не беше сигурен дека нема да испадне. Црвените ѓаволи со 1:0 победија на гости кај Сандерленд, додека на стадионот на Сити домашните фанови беа во шок. КПР водеше со 2:1, а на семафорот стоеше дека веќе се игра судиското надополнување од пет минути.

Само чудо можеше да го спаси Сити да стигне до титутлата. На домаќините им беа потребни два гола за да стигнат до трофејот. Во тие моменти стана јасно дека КПР нема да испадне дури и да загуби затоа што Болтон загуби и гостите тогаш како да се опуштија, а играчите на Сити добија крилја.

Се играше 92-рата минута кога по еден корнер, Един Џеко со глава израмни на 2:2. Во тој момент сите почувствуваа дека чудото може да се случи. Само две минути подоцна, Серхио Агуеро доби топка во шеснаесетникот, успеа да го избегне противникот и ја затресе мрежата на КПР, што беше знак за лудо славење на трибините. За разлика од радоста на стадионот на Сити, фудбалерите на Јунајтед и легендарниот тренер Сер Алекс Фергусон со неверување слушаа за пресвртот на Граѓаните и победата од 3:2.

За Манчестер сити тоа беше трета титула во клупската историја, а прва по пауза од 44 години. Сити сега има шест титули првак на Англија.

- Оглас -

Најнови вести