Се сеќавате ли: Вардар пред пет години беше на прагот да го елиминира Динамо… каде се сега сега овие два клуба?

Македонските репрезентативци Аријан Адеми и Стефан Ристовски беа дел од најдобрата фудбалска приказна во претходната недела. Адеми и Ристовски во дресот на Динамо направија историски резултат, победувајќи го англискиот премиерлигаш Тотенхем, со 3:0, доволно за да го елиминираат од Лигата на Европа.

Победата на Динамо на „Максимир“ има дополнителна тежина, ако се знае дека Тотенхем на првата средба победи со 2:0 и со Жозе Мурињо на клупата, речиси никој и не веруваше дека Динамо може да направи чудо. Сепак, дека фудбалот се игра со срце и никогаш нема предавање се покажа на дуелот во Загреб, па на крајот Динамо со Адеми и Ристовски го елиминираа Тотенхем.

СЕКОЈА ГОДИНА ДЕСЕТИЦИ МИЛИОНИ ЕВРА СЕ СЛЕВААТ ВО КАСАТА НА ДИНАМО, ВО ВАРДАР СЕ МОЛИ ЗА МИЛОСТИНА

Со оваа победа, Динамо уште еднаш потврди дека е клуб со европски манири, а ако се погледат резултатите во последните неколку сезони, овој пласман на Модрите во четвртиналето од Лигата на Европа, не е и ни чудо. Динамо секога година е дел од европската фудбалска елита, игра одличен фудбал, создава и продава квалитетни играчи, заработува десетици милиони евра од успесите во европските купови и од продажбата на играчи. Динамо блеска во Европа, а тоа ги радува и многу неутрални љубители на фудбалот и во Македонија, посебно затоа што тоа е клуб во кој има двајца наши репрезентативци.

И додека Хрватите се гордеат со нивниот најдобар фудбалски клуб, во Македонија ситуацијата со најтрофејниот Вардар е КАТАСТРОФАЛНА. Црвено-црните ги живеат можеби и најтешките денови од постоењето на клубот. Вардар е принуден да игра со „деца“, а главна цел е да не испадне од Прва лига.

Во саботата, Вардар беше понижен на „Градски стадион“ и загуби со 1:6 од лутиот ривал Шкендија. Тетовци немаа милост и едноставно сакаа што е можно повеќе голови да дадат. Најтрофејниот клуб моментно има 27 бода од 24 кола и е во зоната на екипи кои може да испаднат од лига.

А НЕ ТАКА ОДАМНА, ВАРДАР ВОДЕШЕ СО 1:0 И 2:1 ПРОТИВ ДИНАМО ВО ЗАГРЕБ

Сега да се споредуваат Вардар и Динамо Загреб, разликата ќе биде како  „Небо и земја“, но ако се вратиме пред помалку од пет години наназад, не беше така. Во јули 2016 година, Вардар и Динамо Загреб се паднаа во второто квалификациско коло од Лигата на шампиони. Модрите победија на првиот меч во Скопје со 2:1, но на реваншот во Загреб, ситуацијата беше поинаква.

Вардар на полувреме водеше со 1:0 против Динамо, а по 65 минути игра беше 2:1 за Вардар во Загреб, што беше доволно да се анулира заостанувањето од првиот меч. На крајот Динамо сепак успеа да направи пресврт и да победи со 3:2 (домаќините два гола дадоа од пенал), но тоа беше знак дека разликата меѓу Динамо и Вардар е многу мала. Хрватите таа сезона играа и во групната фаза од Лигата на шампиони, а Вардар на 20 минути пред крајот од двомечот играше егал.

Тој меч на „Максимир“ беше и последен за Марко Пјаца во дресот на Динамо. Хрватот направи трансфер во Јувентус, а Модрите добија 23 милиони евра од неговата продажба.

ВО ДИНАМО СЕ „ДЕЛАТ“ И ЗАТВОРСКИ КАЗНИ, ВО ВАРДАР НИКОЈ НЕ СЛУШНАЛ ЗА ЗБОРОТ ОДГОВОРНОСТ

Од тој двомеч на Динамо и Вардар нема ни пет години, а разликата во квалитет од минимална, сега е „небо и земја“. И во Динамо има многу скандали и афери, па ќе има и затворски казни за некои од челниците, но клубот продолжи да расте, да се развива и да блеска во Европа.

Од друга страна, Вардар потона на дното, ОДГОВОРНОСТ нема од никого, а не па некој да се плаши од одење во затвор. Затоа македонските неутрални фудбалски фанови ќе се радуваат на успесите на клубови кои до пред неколку години се надевавме дека може и да ги елиминираме.

БРАВО ЗА ДЕВОЈКИТЕ, РАКОМЕТОТ СЕКОГАШ НИ НОСИ РАДОСТИ 

Ако некој изминатава недела заслужи едно големо БРАВО, тоа е женската ракометна репрезентација на Македонија. Девојките одиграа одлично во трите квалификациски мечеви за пласман на Светското првенство и со победите на Исланд, Литванија и Грција, се пласираа во баражот за пласман на континенталниот собир.

Уште еднаш се потврди дека ракометот е спортот кој ни носи најчести репрезентативни радости. Девојките се на чекор од Мундијалот и заслужија честитки за трите победи.

- Оглас -

Најнови вести