Сè што треба да знаете пред дуелите од последното коло во ЛШ

Последното, шесто коло од групната фаза во Лигата на шампиони на програмата е денеска и утре. По одигрувањето на овие мечеви, ќе се знаат сите 16 патници во нокаут-фазата од елитното натпреварување. Вечерва ќе се комплетираат сите мечеви од групите А, Б, Ц и Д. Според многумина, најинтересно ќе биде да се види развојот во групите Б и Ц, но ќе почнеме со ред.

ГРУПА А

Бриж – Атлетико Мадрид (21 ч.)

Монако – Борусија Дортмунд (21 ч.)

Во оваа група речиси и да нема непознати. Атлетико Мадрид и Борусија Дортмунд веќе се сигурни патници во осминафиналето, додека Бриж како третопласиран ќе продолжи во Лигата на Европа. За Монако завршува европската авантура за оваа сезона.

Во последното коло само треба да се реши кој тим ќе биде прв, а кој втор на крајот. Атлетико со победа на гости кај Бриж ќе биде сигурно прв, бидејќи сега има 12 бодови, а Борусија е со 10 бодови по петте кола. Сепак, доколку „јорганџиите“ не ги освојат трите бода против Бриж, тогаш Борусија со триумф кај отпишаниот Монако ќе избие на врвот од табелата.

Дури и во случај на еднаков број бодови (Атлетико и Борусија може да завршат со по 13 бодови), германскиот тим ќе биде прв поради подобриот меѓусебен дуел (победа од 4-0, пораз од 0-2).

ГРУПА Б

Барселона – Тотенхем (21 ч.)

Интер – ПСВ (21 ч.)

Барселона е сигурно прва во групата, но, сепак, може да реши многу прашања кога се работи за вториот тим кој ќе презими во европската елита. Тотенхем или Интер е прашањето, ако се знае дека ПСВ е „закован“ на дното од табелата само со еден бод.

Моментно Тотенхем и Интер имаат по 7 бодови, а лондонскиот тим е втор, благодарение на подобриот меѓусебен скор. Тоа значи дека во случај на еднаков број бодови и по шестото коло, премиерлигашот ќе се радува. Сепак, според распоредот во ова коло, Тотенхем има многу потешка задача.

Англичаните гостуваат на „Камп ноу“ против Барселона, каде што е многу тешко да се победи. Од друга страна, Интер на свој терен игра против ПСВ и сите очекуваат триумф на „нераѕурите“. Токму затоа Тотенхем ќе мора да брка победа на тешкото гостување за да не зависи од мечот во Милано.

ГРУПА Ц

Црвена ѕвезда – ПСЖ (21 ч.)

Ливерпул – Наполи (21 ч.)

Уште по формирањето на групите, јасно беше дека ова е „групата на смртта“ и дека ќе биде неизвесно до самиот крај. Засега ниту еден тим не е сигурен за нокаут-фазата, а ситуацијата на табелата е Наполи (9), ПСЖ (8), Ливерпул (6) и Црвена ѕвезда (4). ПСЖ е во најповолна ситуација. Францускиот првак треба да победи на гостувањето во Белград и ќе биде сигурен патник за понатаму.

На „Енфилд роуд“ ќе се води директна битка меѓу Наполи и Ливерпул. Ако ПСЖ слави кај Ѕвезда или, пак, во случај на сензација загуби во Белград, тогаш и ситуацијата за дуелот во Англија ќе биде појасна. На Ливерпул ќе му биде доволна и минимална победа од 1-0. Тогаш Наполи и Ливерпул ќе имаат по девет бода, меѓусебниот дуел ќе биде израмнет бидејќи и Наполи дома славеше со 1-0, но Англичаните ќе одат понатаму поради подобрата вкупна гол-разлика која би била 9:7 за Ливерпул, а 7:5 за Наполи.

Ако Ливерпул победи со 2-1 или кој било резултат, но со еден гол-разлика (пример..3-2, 4-3, 5-4), тогаш Наполи ќе оди понатаму поради подобриот меѓусебен скор, односно гол даден на гости. Затоа Ливерпул ако прими гол, тогаш ќе мора да победи со разлика од два гола.

И дотука ситуацијата делува многу комплицирано, но може да биде уште покомплицирано во групата Ц. Тоа ќе се случи ако ПСЖ ремизира во Белград, а Ливерпул го победи Наполи. Во еден таков случај, сите, Ливерпул, Наполи и ПСЖ, ќе имаат по девет бода и ќе се решава во направената мини-табела.

ГРУПА Д

Галатасарај – Порто (18:55 ч.)

Шалке – Локомотив (18:55 ч.)

Во оваа група има само една непозната, а тоа е кој ќе биде трет. Галатасарај (4 бода) и Локомотив (3 бода) се борат за останување во Европа. Порто е сигурно прв, а второто место е резервирано за Шалке. Галатасарај е во предност бидејќи игра дома и со победа ќе ги реши сите дилеми. Дури и Галатасарај да загуби дома, ако Локомотив не ги освои трите бода во Гелзенкирхен кај Шалке, ќе значи дека турскиот тим продолжува во Лигата на Европа.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести