Месут Озил ќе биде џокерот на Унаи Емери и Арсенал за големото дерби на Северен Лондон против Тотенхем во недела од 17.30 часот.
Германскиот репрезентативец се уште нема настап сезонава, по сериозниот инцидент што му се случи и нему и на соиграчот Сеад Колашинац.
Двајцата беа нападнати од организирана група криминалци во Лондон, а само благодарение на храбрата реакција на Колашинац, кој со голи раце им се спротивстави на напаѓачите, кои беа наоружани со ножеви беше избегнат посериозен инцидент.
Потоа имаше закани за нивната безбедност од мафијашки структури, па Колашинац и Озил од превентивни причини имаа дополнително обезбедување.
Колашинац настапи на мечот од второто коло против Барнли и влезе во игра како резерва, а Озил се уште го чека првиот настап за топчиите сезонава.
Унаи Емери истакна дека Германецот со турски корени е мошне важна алка во играта на Арсенал и дека се чувствува неговото отсуство во играта, па речиси е сигурно дека Озил ќе игра против Тотенхем, но не се знае дали ќе биде стартер, или подоцна ќе добиа шанса од клупата за резерви.
„Ни треба во тимот, бидејќи Озил има спцифични квалитети што можат да ни помогнат да играме подобро. Не беше 100 посто физички и психички подготвен за мечот со Ливерпул, но сега е во добра кондиција“, изјави шпанскиот стратег на клупата на Арсенал.