Се спасија да не испаднат од втората лига, а ќе играат во нокаут-фазата од азиската Лига на шампиони

Едно од најголемите изненадувања во историјата на фудбалот се случи во Јапонија. Екипа која се натпреварува во втората лига во својата земја, се подготвува за настап во нокаут-фазата од Лигата на шампионите во Азија. Никогаш претходно не се случило второлигаш да биде дел од клубовите коишто играат во завршната фаза на најсилното континентално натпреварување, па затоа успехот на Венфорет Кофу е историски.

Јапонскиот второлигаш во минатата сезона заврши наа 18-тото место на табелата во првенството и едвај се спаси да не испадне во трета лига. Венфорет Кофу доби покана да биде дел од „Емперорс купот“ и таму направи чудо. Од коло во коло ги победуваше и ги исфрлаше фаворизираните ривали и стигна до финалето.

Во финалето, Венфорет Кофу играше против Санфрејс Хирошима, тим кој од 1969 година го чекаше трофејот во „Емперорс купот“. По 120 минути игра, резултатот беше 1:1 и на крајот во пенал-рулетот, второлигашот Венфорет Кофу победи со 5:3. Со освојување на овој трофеј, Венфорет Кофу обезбеди место во азиската Лига на шампиони, каде што ја продолжија бајката.

Јапонскиот второлигаш не само што играше во групната фаза од ЛШ, туку успеа да го освои и првото место, и тоа пред шампионот на Австралија, Мелбурн сити, Жеџијанг од Кина и Бурирам од Тајланд. Ниту еден второлигаш во историјата на Лигата на шампионите на Азија не стигнал до нокаут-фазата како Венфорет Кофу, кој сега го очекува двомеч со јужнокорејскиот гигант Улсан Хјундаи.

- Оглас -

Најнови вести